Театарска претстава во чест на Горан Стефановски, еден од најзначајните и најизведувани македонски драматурзи

од admin_kult

Преку театарска претстава посветена на Горан Стефановски, Актерската школа на Весна Петрушевска, КМК Продукција и Македонскиот народен театар ќе оддадат почит кон еден од најзначајните и најизведувани македонски драмски автори воопшто.

Премиерата на претставата „За нашиот Горан“ ќе се одржи на 26 март, со почеток во 12 часот, во Македонскиот народен театар, на чија сцена ќе настапат учениците од Актерската школа на Петрушевска.

– За првпат ќе се слушнат на сцена неговите генијални текстови од книгата „Стапица“. Таа книга ги содржи сите тајни на драмскиот занает и на приодот кон создавање и градење лик. Во вистинска смисла на зборот за еден актер предизвик, за малите актери мисловен и актерски предизвик и задача. Горан е нашиот идентитет, нашиот најдобар драмски писател. Театарот немаше да биде ист ако не постоеше Горан. Горан е љубов – истакна  Петрушевска.

Горан Стефановски (1952 – 2018) е македонски драмски автор, универзитетски професор и академик. Претставник е на модерната македонска драматургија и автор на сценарија за ТВ-серии, ТВ-филмови и драми. Драмските дијалози во неговите дела и по 30 години ја отсликуваат актуелната реалност во Северна Македонија. Делата на Стефановски се изведувани на сите македонски сцени,  во сите некогашни југословенски културни центри, како и во големите театарски центри во светот: Париз, Будимпешта, Лондон, Софија, Москва …

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе