Се реконструираат покривот и фасадата на Музејот во Битола

од admin_kult

Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола продолжи да ги реализира активностите за реконструкција и конзервација на фасадата на Музејот и на покривот на т. н. предно крило од објектот.

Музејот, како значаен културно-историски споменик, се реконструира со поддршка од Министерството за култура, а со цел да се заштитат важни детали од фасадата, но и покривот, кој подолг период бил запоставен, информираа од НУ Завод и музеј – Битола.

– Со градежниот зафат, со конзервацијата на фасадата и со промена на дограмата, која веќе е завршена на западното крило, се овозможува заштита на објектот на долг рок. Интервенцијата се врши во овој период затоа што споредено со летниот период, намален е интензитетот на туристички посети од странство и може послободно да се работи од предното крило или на јужното крило на Музејот – појасни директорката Мери Стојанова.

Посетите на изложбите и поставките непречено може да се вршат без разлика на интервенцијата врз фасадата која е во тек.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе