Се отвора изложбата „Лаењето на облаците не ги повредува кучињата“ на Дритон Селмани во МСУ – Скопје

од admin_kult

Во Музејот на современата уметност – Скопје вечерва (4 ноември) во 20 часот ќе биде отворена самостојната изложба „Лаењето на облаците не ги повредува кучињата“ на Дритон Селмани од Косово. Куратори на поставката се: Владимир Јанчевски, Ива Димовски и Благоја Варошанец.

Селмани е еден од тројцата наградени автори за „Најуспешен автор и дело“ на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници, а наградата подразбира реализација на самостоен проект во МСУ – Скопје.

Од МСУ нагласуваат дека презентирајќи разновидност и сајт-специфична интервенција во просторот на МСУ-Скопје, изложбата на текстуални дела, објекти и видео се обидува да воспостави нови релации во дадениот контекст, јасно покажувајќи ги начините на кои Селмани духовито користи специфична форма на хумор за да го истражи и преиспита секојдневието, коешто обично се врзува за апсурдни традиции и хиерархиски структури.

„Делата се фокусираат на различни прашања од нашата несигурна современост, почнувајќи од популарната култура, до доминантните дискурси на моќта, кои ги обликуваат нашите животи и ги преиспитуваат историските наративи, стереотипите, чувството на припадност и исклученост“, додаваат од МСУ.

Авторот Селмани вели дека историјата на МСУ-Скопје, како симбол на солидарноста е многу важна за него.

„Идејата за тоа како солидарноста може да опстане во вакви времиња и да биде платформа за прикажување и на мојата уметничка практика е фантастично искуство за мене. Изложбата содржи уметнички дела, фокусирани на различни прашања од нашата современа состојба. Многу ме интересира препознатливоста на секојдневието, најчесто врзанa за апсурдни традиции и хиерархиски структури, како што се популарната култура и доминантните дискурси на моќта. Па така, се обидувам да ја пренесам оваа состојба на умот во уметнички дела, кои несвесно содржат хумор, како критика на она што веруваме дека е дефинитивно“, вели Селмани.

Дритон Селмани (Урошевац, Косово / 1987) работи и живее во Приштина и Догановиќ.  Магистерските студии ги завршил на Универзитетот за уметност во Бурнемут, Велика Британија. Досега има изложувано на самостојни и групни изложби  во Приштина, Будимпешта, Виена, Сао Паоло, Анкона, Белград, Маракеш и на други места.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Р.С. Македонија и ќе биде отворена до 25 февруари 2023 година.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе