Светска премиера на „Кајмак“ од Манчевски во Токио

од admin_kult

Светската премиера на филмот „Кајмак“ на реномираниот македонски режисер Милчо Манчевски ќе биде на 35. Меѓународен филмски фестивал во Токио (ТИФФ), што ќе се одржи од 24 октомври до 2 ноември.  

Деталите за премиерата беа соопштени на прес-конференцијата во Музејот на современата уметност, на која присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изрази честитки за Милчо Манчевски и за целата екипа на неговиот нов филм, „Кајмак“.

– Светската премиера во Токио е голем успех за нив, за филмот, но и за македонската кинематографија и култура. Јапонија се запозна со македонски филм првпат во 1995 година кога беше прикажан „Пред дождот“, во кино и на телевизија. Веднаш до извонредните критики за филмот, јапонските весници ја објавуваа мапата на Европа со Македонија заокружена, а во истите весници беше објаснето и како се изговара името на нашата држава. Неколку години подоцна, со „Прашина“,  книжарниците во Токио објавуваа топ-листа на омилени филмови од Манчевски – рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа нагласи дека филмовите на Манчевски ја афирмираат македонската култура и држава низ сите континенти и се трајна вредност на современата македонска кинематографија.

– Кога првиот пат бев во Токио, го држев в раце Златниот лав од Венеција на Куросава (за „Рашомон“) и видов дека дизајнот на лавот се разликува од мојот – организаторите во Венеција ја промениле формата на трофејот во тие 30-ина години што поминале.  Сега одам да проверам дали е сè во ред со лавот од Токио – изјави Манчевски.

Филмот „Кајмак“ ќе се прикаже во Токио во официјалната селекција за награди. Манчевски и дел од актерската екипа на „Кајмак“ ќе продефилираат на црвениот килим во Токио и ќе учествуваат во два разговора со публиката. Манчевски ќе одржи и специјален мастер-клас за јапонската стручна публика и за студенти.

Македонската премиера на филмот е предвидена за средината на ноември.

Филмот „Кајмак“ е европска копродукција поддржана од државните фондови на Данска, Холандија и на Хрватска, како и од најреномираниот европски фонд „Еуримаж“. Агенцијата за филм на Северна Македонија обезбеди 48 проценти од буџетот, а Македонската радио-телевизија е копродуцент. Во екипата се вклучени и независни филмски работници од Англија, Италија и од Србија. Македонски продуцент на филмот е „Банана филм“ со Јане Ќортошев.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе