Ретроспективна изложба на Димитар Кондовски ќе биде поставена во Даут-пашиниот амам

од admin_kult

Во Националната галерија – објект Даут-пашин амам – на 5 мај ќе биде отворена ретроспрективната изложба на дела од македонскиот ликовен уметник Димитар Кондовски, чие творештво остави неизбришлив, длабок и траен белег во македонската ликовна уметност. Куратор на проектот е Емил Алексиев.

Како што истакнуваат од Националната галерија, ретроспективната изложба со творештвото на Димитар Кондовски (1927 – 1993) ќе ги опфати сите периоди од неговата творечка дејност. Целта на оваа изложба е систематизирање на дејноста на овој исклучителен автор и расветлување на оние доминантни аспекти што ја одредуваат неговата творечка дејност.

Кондовски е роден во 1927 година во Прилеп, а починал во 1993 година во Скопје. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1952 година. Во 1958 година бил на студиски престој во Париз, а во текот на 1961/62 година специјализирал ѕидно сликарство во Рим. Од 1952 до 1956 година работел како професор по ликовно воспитување во Скопје. Од 1972 до 1980 година бил професор на Педагошката академија во Скопје. Во 1980 година бил избран за професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде што работел до 1987 година. Во 1991 година бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе