Работилница на УНЕСКО: Точните податоци во културата овозможуваат создавање на реални политики и стратегии за културата

од admin_kult

Министерството за култура на Република Северна Македонија, во соработка со Град Скопје и Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа, денеска  организираа онлајн работилница на која беше претставена пилот-имплементацијата на  проектот „Тематските индикатори за културата на УНЕСКО во Агендата за 2030 година“ во Република Северна Македонија и Град Скопје.

Од името на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, се обрати генералниот секретар на Националната комисија за УНЕСКО, Татјана Краљевска-Лазарова, која истакна дека точните податоци во културата овозможуваат создавање на реални политики и стратегии за културата.

„Ова е добар ден и за културата особено кога се работи за почнување на проект чиј носител е една еминентна организација каква што е УНЕСКО. Го поздравувам и му се радувам на денешниот почеток на реализацијата на еден исклучително полезен проект за имплементација на тематските индикатори за културата од Агендата 2030 на Обединетите нации. Убедена сум дека нашиот експертски тим, кој го сочинуваат претставници од министерствата за култура, за образование и наука, за животна средина и просторно планирање, од Градот Скопје, од Државниот завод за статистика, заедно со претставниците на Регионалното биро за наука и култура на УНЕСКО во Европа, денеска ќе реализираат успешна работилница преку која ќе се стекнат со драгоцена обука за Тематските индикатори кои се револуционерна и иновативна методологија за мерење и следење на развојот на културата“, рече Краљевска-Лазарова. Таа додаде дека оваа иницијатива на УНЕСКО е во согласност со заложбата за суштинската улога на културата во одржливиот развој и, како рамка на тематски показатели, има цел да ги поддржи и да ги надополни глобалните индикатори поставени во Агендата 2030 за мерење на придонесот на културата во националната и во локалната имплементација.

„Ова е обемна, но благодарна работа за унапредување на важноста на културата и креативноста. Ви пожелувам успешен почеток исполнет со сознанија, искуства и задоволство од епилогот на работата на овој проект од Агендата 2030 на Обединетите нации“, потенцираше Краљевска-Лазарова, обраќајќи се од името на министерката за култура.

На работилницата се обратија претставник од Град Скопје, и Матео Росати, одговорен службеник од Секторот за култура, и Синиша Шешум, раководител на Канцеларијата на УНЕСКО – Антена во Сараево, Регионално биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа. Тематските индикатори за културата во Агендата за 2030 година ги претстави регионалниот експерт на УНЕСКО, Алма Мрган-Слипичевиќ. Учесниците на работилницата беа претставници од другите министерства, од националните установи, од локалните установи, како и од граѓанскиот сектор.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе