Премиера на филмот „Јанѕа“ за  животот и делото на Конески

од admin_kult

Филмот „Јанѕа“, кој го следи животот и делото на професорот, академик, поет и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески, премиерно ќе биде прикажан денеска во киното „Милениум“. Филмот е подготвуван и сниман во период од три години, и драматуршки зборува за патување низ времето, за она што сме денес и што ќе бидеме утре.

Филмот е подготвуван според мотиви од „Дневник по многу години“ на Конески, од истакнатиот македонски документарист Никола Т. Калајџиски. Продукцијата е на „Контраст филм“, а продуцент е Златко Димески.

Монтажата на филмот е на Аристид Филактов, додека композитор на музиката е Златан Миливоевиќ, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски. Како директори на фотографија се јавуваат Дејан Димески и Петар Кочишки.

Според Никола Т. Калајџиски, ова е филм за клучната фигура на 20 век во Македонија. Тоа е времето пред големото дело на Крсте Мисирков „За македонцките работи“, а подоцна периодот на АСНОМ, кога се конституираше современата македонска држава.

– Документарниот филм го има мотото „Не ме дума минатото, ме дума денот од утре“. Тоа е моќна парафраза, од мојата куса дружба од времето со професорот Конески. Во филмот се собрани сите биднини и небиднини на нашиот македонски народ, сите јанѕи, но и сите надежи и опстојби да се биде свој на своето – рече Калајџиски.

Проф. д-р Људмил Спасов од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, кој е еден од стручните соработници на филмот, објаснувајќи го значењето на зборот „јанѕа“, вели дека е метафора која нуди различни токувања – мака, радост, надеж – и е збор што Конески често го употребувал во своето уметничко творештво.

– Филмот раскажува за еден човек кој седи и комуницира со нас и ги раскажува сите негови премрежиња. Се надевам дека филмот ќе го понуди вистинскиот човек кој преживеа многу издигања и паѓања, којшто го сакавме и не го сакавме, но остави траги кои не можат никогаш да се избришат –  додаде проф. д-р Спасов.

Филмот, кој открива нови моменти од приватниот и од професионалниот живот на Конески, се реализира сo поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе