„Послух“ од Кристина Слободјанјук вечер во МКЦ на „Танц фест Скопје 2022“

од admin_kult

Во рамките на фестивалот „Танц фест Скопје 2022“, вечер во МКЦ ќе се одржи видеопроекција на делото „Послух“ од украинската кореографка Кристина Слободјанјук, а денеска пристигнуваат студенти од Софија кои ќе учествуваат во проектот „Панорама“.

Видеопроекцијата на делото „Послух“ ќе се одржи вечер во Џебното кино во МКЦ, а ќе настапи и авторката Кристина Слободјанјук. Видеопроекцијата ќе се емитува и онлајн, на фејсбук-страницата на „Танц фест Скопје“. 

Кристина Слободјанјук е актерка, танчарка, кореографка и режисерка од Украина. Од 2015 година студира современ танц, драма и физички театар, работи во современи опери, уметнички фестивали, предава и студира терапија ориентирана кон телото.

Во Скопје денеска ќе пристигнат студенти од Националната школа на уметности од Софија, Бугарија, кои во рамките на „Танц фест Скопје 2022“ ќе учествуваат во проектот наречен „Панорама“ и со уште дваесетина домашни танчари ќе работат на работилница на техниката „Марта Греам“ во Националната опера и балет.

Тие ќе ја изучуваат техниката под водство на Денис Вале, танчарка и асистентка на компанијата, и ќе совладуваат дел од оригинална кореографија на Греам од 1935 година.

В среда на сцената на Македонскиот народен театар триесетина млади танчари ќе изведат дел од „Панорама“ пред настапот на култната Танцова компанија „Марта Греам“ од Њујорк, која денеска пристигнува во Скопје.

Проектот „Панорама“ е можност за соработка меѓу млади танчари од двете земји, прва од овој вид, и е поддржан од Американската амбасада во Скопје. „Марта Греам“ е прогласена за културно наследство на Соединетите американски држави од поранешниот претседател на САД, Џералд Р. Форд, и нивниот настап во рамките на фестивалот „Танц фест Скопје 2022“ е од исклучително значење и уникатна можност за нашата публика да види дел од историјата на создавањето на современиот танц во 20 век и неговoто значајно место во 21 век.

„Танц фест Скопје 2022“ е поддржан од Министерството за култура, Град Скопје, Американската амбасада во Скопје, Францускиот институт од Париз и од Скопје, Домот на АРМ Скопје, „Perform Europe“, „East is Best“, „Културанова“. Покровители на „Танц фест Скопје 2022“ се „Виталија“ и „Бовин“.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе