Порака од г-ѓа Одри Азуле, генерален директор на УНЕСКО, по повод Светскиот ден на водата 22 март 2022 година

од admin_kult

Во глобалниот циклус на водата, подземните води имаат суштинска важност, но тоа најчесто не се забележува. Ова скриено богатство зазема 99 % од вкупната течна слатка вода на Земјата. Не само што се непоходни за целиот жив свет туку играат и значајна улога за екосистемот.  

Всушност, 49 % од водата што се користи за домаќинствата и околу 25 % од водата за наводнување доаѓаат од подземните води. Речиси 50 % од светската урбана популација зависи од подземните извори на вода. Водоносните слоеви, исто така, се поврзани со реките, езерата и мочуриштата.

Со приспособувањето на планетата кон климатските промени и порастот на популацијата, подземните води имаат главна улога во задоволувањето на зголемената потреба за храна и вода за пиење. Сепак, овој основен извор се соочува и со сериозни ризици – меѓу кои, несоодветна заштита и понекогаш неповратно загадување.

Оттука, на Светскиот ден на водата, УНЕСКО го слави овој суштински ресурс – затоа што подобрата заштита и управувањето со подземните води се наша заедничка одговорност и наш заеднички интерес.  

УНЕСКО долго време работи за постигнување на оваа цел, особено преку образованието, градењето на капацитети и собирањето на податоци. Со нашето Семејство за вода, стекнавме големо искуство во однос на обучување на популацијата и обезбедување солидни познавања во смисла на ефикасно и одржливо донесување одлуки за подземните води.  

Ние ги поддржуваме образованието на државите за значењето на водата и градењето на капацитети за подобро управување со водата – не само преку нашата Меѓувладина хидролошка програма и Програмата за оценување на водата на светско ниво туку и преку нашите партнерски научни институции, вклучувајќи ги и центрите од Категорија II на УНЕСКО и универзитетските катедри за вода.  

Оваа година, со најновото издание на Извештајот на Обединетите нации за равој на водата кој ќе излезе на Светскиот ден на водата, вниманието го насочуваме кон подземните води, потенцирајќи ја нивната улога, придобивките од нив, предизвиците и можностите.

Во светот во кој побарувачката е сѐ поголема, а ресурсите од вода се сѐ помали, сите треба да станеме свесни за вредноста на подземните води, а УНЕСКО останува  целосно посветена на оваа цел.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе