Порака од г-ѓа Одри Азуле, генерален директор на УНЕСКО, по повод Светскиот ден на поезијата 21 март 2022 година

од admin_kult

Наредена со зборови, обоена со слики, нагласена со вистинската метрика, моќта на поезијата е неспоредлива. Како интимна форма на изразување која отвора врати, поезијата го збогатува дијалогот кој го катализира човечкиот напредок и е попотребна од кога било во овие турбулентни времиња.

Ова особено се однесува на домородните народи чии јазици и култура се сѐ повеќе загрозени, особено од индустрискиот развој, климатските промени и конфликтите. За овие заедници, поезијата има важна улога во одржувањето на лингвистичката и културната разновидност и во зачувувањето на сеќавањата.

Поетесата Џој Харџо, која потекнува од индијанскиот народ Маскоги и е лауреат на САД, јасно го покажува наведеното. Во нејзината поема „Скршено срце“ е опишано нејзиното враќање во Окфуски, Оклахома, од каде што нејзините предци биле протерани според Законот за преселување на Индијанците од 1830 година. И таа моќно истакнува:

                „Поезијата не може ни да се присили,

              ни да се зароби…

              историјата секогаш ќе те најде

              и ќе те обвие

              со нејзините илјада раце.“

Денес, на Светскиот ден на поезијата, центарот на вниманието на УНЕСКО е врз автохтоната поезија во знак на прославувањето на нејзината единствена и моќна улога во борбата против маргинализацијата и неправдата, како и во обединувањето на културите во духот на солидарноста.  

Овој ден се совпаѓа со означувањето на почетокот на Меѓународната декада на автохтоните јазици од страна на Обединетите нации, а под водство на УНЕСКО, со цел да се потврди посветеноста на меѓународната заедница во поддршката на домородните народи во заштитата на нивната култура, знаења и права.

Како дел од нашите заложби да се заштитат живите традиции, во  Репрезентативната листа на нематеријално наследство на човештвото УНЕСКО впиша неколку поетски форми, како што се: пеењето Худхуд на Филипините, усната традиција Мапојо од Венецуела,  пеењето на Ешува, Харакмбут-молитвите на Перу и усната традиција на Кугер од Уганда.

Секоја форма на поезија е уникатна, но со секоја се одразува универзалната природа на човечкото искуство – нашиот стремеж за креативност што ги преминува сите граници. Тоа е моќта на поезијата. 

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе