Под посебни протоколи денеска почнува јубилејното 60. издание на Струшките вечери на поезијата

од admin_kult

Под посебни протоколи за заштита на населението од КОВИД-19 и без дел од традиционалните содржини, денеска во Струга почнува јубилејното 60. издание на Меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“.

Официјалното отворање ќе биде вечер на летната тераса во хотелот „Дрим“, а претходно на летната сцена во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ ќе биде отворена изложбата „60 години Струшки вечери на поезијата“. Годинава ќе изостане традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата во чест на лауреатот поради неможноста да присуствува добитничката на „Златен венец“, британската поетеса Керол Ен Дафи. Според најавите на Фестивалот, лауреатот ќе има видеообраќање и поетско читање.

Јубилејното фестивалско издание ќе се одржува под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“, што, според НУ Струшки вечери на поезијата, го потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување дрво од лауреатите секоја година како чин со кој се одбележува растежот на Фестивалот.

Најголем дел од поетските читања и портретите на Фестивалот ќе се одржуваат на летната тераса во хотелот „Дрим“ и на летната сцена во Центарот за култура, а е најавено присуство на 30-ина поети од земјава и од светот.

Манифестацијата завршува в недела со меѓународното поетско читање „Мостови” и со врачување на наградитe „Браќа Миладиновци” и „Мостови на Струга” на летната тераса во хотелот „Дрим“.

Фестивалот, како што неодамна најави дирекцијата, ќе се одржува со целосно почитување на најновите мерки за заштита од коронавирусот.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе