Подготовки за претставата „Народен непријател“ – премиера во рамките на проектот „Патиштата на хероите“

од admin_kult

Од Македонскиот народен театар информираат дека е во подготовка премиерата на претставата „Народен непријател“ од авторот Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, која претставува финален продукт од комплексниот проект „Патиштата на хероите“, поддржан од програмата „Креативна Европа“ во рамките на Повикот за проекти за културна соработка на Западен Балкан.

Во копродукцискиот проект учествуваат автори од сите партнерски земји: Северна Македонија, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина, Грција и Италија, а настапуваат актерите: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Благој Веселинов, Дарја Ризова, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Нино Леви, Александар Михајловски, Мартин Ѓоргоски и Јана Вељановска.

– Претставата се занимава со испитување на улогата на поединецот во општеството, важноста на неговиот глас, како и погубната вистина дека гласот на мнозинството е секогаш помоќен од оној на поединецот, независно кој има право. Премиерата на претставата се очекува кон почетокот на мај 2022 година, на големата сцена на Македонскиот народен театар, а потоа ќе биде изведена во сите партнерски земји, како и на фестивали во Европа и во регионот – нагласуваат од МНТ.

Оттаму додаваат дека проектот „Патиштата на хероите“ е со времетраење од две и пол години, а во негови рамки се опфатени многубројни програми, меѓу кои: професионални работилници, изложби, креативни истражувања, издавачка дејност за деца, како и работилници од областа на современиот танц и гостувања на театарски фестивали итн.

Досега се реализирани неколку креативни работилници преку кои Македонскиот народен театар, заедно со Издавачката куќа „Гаврош“, и уште 5 (пет) други партнерски организации од Италија, Грција, Босна и Херцеговина, Словенија и од Србија се занимаваат со откривање и поддржување на поединците чија еколошка свест придонесува за позитивни општествени промени.

Од МНТ информираат дека се снимени шест краткометражни филмови, од вкупно дванаесет, на повеќе јазици од земјите соработници, кои ќе се емитуваат на првиот програмски сервис на МРТВ. Филмовите од областа на екологијата, за подигнување на свеста на поединецот и како да се биде општествено одговорен кон природата, се титлувани на македонски јазик.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе