Отворен Македонскиот павилјон на уметноста во Венеција со „Пејзажно искуство“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска

од admin_kult

Во објектот „Скуола деи Ланери“, во присуство на многубројни гости, денеска во Венеција свечено беше презентиран официјалниот претставник на Република Северна Македонија на 59. издание на Венециското биенале за ликовна уметност, проектот „Пејзажно искуство“ (Landscape Experience) од Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска.

На претставувањето на проектот се обратија министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорката на Националната галерија на Северна Македонија, Дита Старова-Ќерими.

– Добре дојдовме во Венеција, добре дојдовте во македонскиот павилјон на уметноста, добре дојдовме во „Млекото од соништата“ низ „Пејзажното искуство“ (Landscape Experience) на нашите претставници на 59-тото Биенале на уметноста еднакво на празник.

Ова свето место за уметниците, како што самите тие го нарекуваат, всушност е огледало на нашата дрскост еднаква на плиткоумен заговор против сопствениот дом. Ние не ја создадовме оваа планета. Осознавме ли дека таа нѐ создаде нас? – истакна во своето обраќање министерката за култура Костдиновска-Стојчевска.

Осврнувајќи се на темата на годинашното Биенале, таа посочи дека проектот „Пејзажно искуство“ не е бегство од реалноста, туку напротив.

–Толку е реално што за миг ви доаѓа да побегнете. Но, бидејќи љубителите на уметноста секогаш одат во спротивна насока, драго ми е што сме на вистинското место, но во едно неизвесно време.

Шлемови, арсен, пеливани…..војни, еколошки катастрофи и таа вечна борба меѓу доброто и злото. Можеби доволна асоцијација на Украина, на КОВИД-19, на опстанок.

Дали сме подготвени за ова патување низ уметноста?

Ако одговорот е ДА, да тргнеме веднаш!

Ви благодарам и добре дојдовме во единствената, како од соништата, Венеција!  – рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими, во своето обраќање истакна дека овој проект претставува осмо учество на Националната галерија како официјален организатор од нашата земја на Биеналето во Венеција, што претставува гордост, но, секако, и одговорност и константен предизвик за презентациите на македонските автори кои со своите автохтони визуелни ракописи се во сооднос со светските актуелни тематики.

– Овие податоци говорат за основната визија што ја реализира Националната галерија, а се однесува, пред сѐ, на презентација на квалитетни авторски остварувања на реномирани македонски уметници кои ја претставуваат нашата земја на ова најпрестижно светско биенале на визуелните уметности.

Преку успешноста на овие претставувања, кои на авторите им донесоа нови можности за меѓународна соработка, се потврдува и местото на Националната галерија како една од водечките институции во земјава во областа на визуелните уметности – рече директорката Старова-Ќерими.

Таа, појаснувајќи ја концепцијата на проектот, истакна дека преку естетиката на магичните пејзажни креации на еден прекрасен, напуштен и еколошки катастрофално уништен геополитички регион, претставена е токсичноста и разорната моќ на привидната надреална убавина врз здравјето на целиот жив свет.

– Авторите Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска и во своите досегашни проекти ја разгледуваат и ја обработуваат „естетиката“ на напуштените (запуштени) пејзажи, ставајќи ги во нов контекст и постојано барајќи нови слоеви на читање на диспозитивите живот – смрт, убаво – грдо, опојно – отровно – рече Старова-Ќерими, која е и комесар на проектот.

Куратори се Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија на РС Македонија, и Сања Којиќ Младенов, кустос советник во Музејот на современата уметност во Нови Сад, Србија, и кустос на проектот „Евровизија“ (Evrovizion) во Одделението за визуелна уметност на ИФА Штутгарт.
Педесет и деветтото издание на Венециското биенале на уметноста ќе се одржува од 23 април до 27 ноември, а куратор е Сесилија Алемани.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе