На „Охридско лето“ вечер концерт на пијано-дуетот од Словенија и премиера на претстава на Охридскиот театар

од admin_kult

Во музичкиот дел на 62. издание на Фестивалот „Охридско лето“ вечер (13 јули) во 21 часот во црквата „Света Софија“ во Охрид ќе се одржи концерт на „АнАнтонио“,  пијано-дует од Словенија. Дуетот го сочинуваат Ана Јосимовска Кањацо и Антонио Кањацо, музичари со македонско и со италијанско потекло кои живеат и творат во Љубљана, Словенија.

Како солисти и камерни музичари се добитници на многу награди од меѓународни натпревари, а и двајцата предаваат во Валдорфското музичко училиште во Љубљана. Нивниот репертоар опфаќа дела за соло пијано, пијано-дует и за две пијана од  Јохан Себастијан Бах до делата на  Шчедрин и Куртаг.

Во драмската програма на Фестивалот, вечер во 21 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде прикажана премиерата на театарската претстава „Секс, лаги и љубомора“ од Марко Камолети. Претставата е во режија на Коле Ангеловски, а во продукција на Центарот за култура „Григор Прличев“ – Охрид и Народниот театар – Охрид. Во претставата настапуваат: Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ-Тодороска, Елизабета Стефановска, Билјана Билаловиќ-Вељаноска, Марија Новак.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе