МКЦ го прослави 50. роденден со целодневна програма

од admin_kult

Со целодневна програма, која опфати музички, филмски, театарски, литературни, ликовни, креативни и едукативни содржини, Младинскиот културен центар во Скопје вчера го прослави својот 50. роденден. Како што информираа од МКЦ, програмата имаше цел да го исполни секое ќоше на оваа установа.

Се одржаа предавања за најмладите во Планетариумот, работилници за танц, новогодишна работилница, „Арт и крафт“ работилница со уметниците Драган Драш Китановски и Марјан Димиќ, настап на инклузивниот хор „Ветерница“ и здружението „Трисомија 21“ и претставата „ЏИНче” на театарот „Сенки и облаци“.

Во киното „Фросина“ се одржаа филмски проекции од фестивалите кои традиционално се одржуваат во МКЦ: „Џифони“, Фестивал на планински филм „ЕХО“, Скопски филмски фестивал, „МакеДокс“, „Киненова“, Филозофски филмски фестивал и Фестивал на анимиран филм „Флипбук“.

Уметникот Мирослав Масин го претстави перформансот „Птици“, специјално изработен за јубилејот, а настапија двата ансамбла на МКЦ – Градски дувачки оркестар и Женски младински хор, кој, исто така, одбележува половина век постоење. Меѓу другото, во „Денсинг-салата“ имаше музички концерти, а во „Џебното кино“ се одржаа проекции на театарски претстави.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе