Костадиновска-Стојчевска: Скопските питоми квечерини се враќаат со Мајските оперски вечери

од admin_kult

Со звуците на „Триумфалниот марш“ од „Аида“ и со запалување на фестивалскиот оган, во Националната опера и балет синоќа свечено беа отворени јубилејните 50. Мајски оперски вечери.

Фестивалот за отворен го прогласи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која во своето обраќање истакна дека Мајските оперски вечери кои се реализираат во живо, во Домот на операта, по две тешки пандемични години кои нѐ лишија од нормалните  животи, се посебен настан, посебно доживување.

„Маските ги симнавме. Сега уметничките маски нека стапат на сцената – онаму каде што најмногу прилегаат, онаму каде што чекори вистинската елита. Скопските питоми квечерини се враќаат со Мајските оперски вечери“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека подигнувањето на завесата на 50-тото издание на меѓународните Мајски оперски вечери е јубилеј за почит, како и празнувањето на уште еден јубилеј – 75 години од основањето на Македонската опера, која токму на овој ден пред 7 и пол децении ја изведе првата опера во главниот град на слободна Народна Република Македонија.

Изразувајќи почит и благодарност до сновоположниците и до сите оние што продолжија да ја збогатуваат македонската оперска уметност – композиторите, диригентите, оперските пејачи – Костадиновска-Стојчевска потсети дека првата македонска опера „Гоце“ е изведена на 24 мај 1954 година, напишана од Кирил Македонски, во режија на Петре Прличко. Кирил Македонски е и автор на операта „Цар Самоил“ премиерно изведена на првите Мајски оперски вечери на 9 мај 1972 година, на Денот на победата, на Денот на Европа.

„Не случајно го чествуваме овој ден веќе 5 децении и со еден ваков редок музички настан како што се Мајските оперски вечери. Зашто операта е неповторлива, незаменлива и со векови е на пиедесталот“, рече министерката за култура.

Оваа година, 50. Мајски оперски вечери свечено се отворија со премиерата на една од водечките белканто-опери во светската оперска литература, операта „Норма“ од Винченцо Белини.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе