Костадиновска-Стојчевска: Отворањето на македонскиот КИЦ во Белград уште повеќе ќе ја засили културната соработка со Србија

од admin_kult

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и српската министерка и вицепремиерка на Владата на Србија, Маја Гојковиќ, во Белград, на маргините на Самитот „Отворен Балкан“, ја потпишаа Програмата за соработка меѓу Министерството за култура на Северна Македонија и Министерството за култура и информирање на Србија за периодот од 2022 до 2025 година.

„Програмата е континуитет на одличната соработка во областа на културата што ја негуваат двете земји, на институционално и на вонинституционално ниво. Програмата се усовршува и се збогатува со секоја нова верзија уште од Спогодбата од 1997 година што ја потпишале двете земји во областа на образованието, културата и спортот“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска. 

Двете министерки се согласни дека на овој начин се постигнуваат силни резултати во развивањето и продлабочувањето на меѓусебното разбирање, добрососедството, пријателските односи и довербата  во културата.

„Програмата обезбедува подобри услови за натамошно зацврстување на културната соработка во сите сфери на уметноста. Таа ја олеснува работата на заеднички проекти меѓу националните институции и меѓу други организации во областа на културата и уметноста, меѓу уметниците  и експертите од двете земји.

Она што е најактуелно за двете култури е што е донесена Одлука за отворање Културно-информативен центар на Северна Македонија во Белград, со најава дека и Србија ќе отвори КИЦ во нашата земја. Тој простор и таа институција, убедена сум, ќе биде ново средиште за стари и за нови пријателства на уметници од сите генерации и области на двете земји. Културно-информативните центри негуваат незаменлива практика за зближување и размена,  која се предвидува и со Програмата, во издавачката, визуелната и ликовната дејност, во музичко-сценската област, во филмот“, вели Костадиновска-Стојчевска.

Особен акцент во овој документ се става и на соработката во архивската, библиотечната и музејската дејност, како и во заштитата на нематеријално културно наследство, преку обезбедување поддршка за традиционалните културни активности, фестивали и саеми поврзани со традиционалната музика, занаетчиството и други елементи на нематеријалното културно наследство на двете земји.

Костадиновска-Стојчевска ја истакнува важноста на соработката во заштитата на културното наследство, во спречувањето на противзаконскиот увоз, извоз и пренос на правото на сопственост над културните добра, во согласност со нормите на меѓународното правo.

„Ние продолжуваме заедно да ги надоградуваме заедничките политики на меѓународен план  во регионалните, европските и меѓународните организации, како: УНЕСКО, ЕУ, Советот на Европа, Советот на министри на Југоисточна Европа, каде што заедно ги зацврстуваме своите позиции, разменуваме искуства и експерти со цел поефикасна интеграција во европските процеси, осовременување и побрзо воведување на новите техники и дигитализацијата“, вели Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска беше дел од владината делегација на Самитот „Отворен Балкан“ во Белград.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе