Костадиновска-Стојчевска од Давос: Северна Македонија стана дел од Алијансата „Баукултур“

од admin_kult

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на вториот ден од Министерската конференција во Давос, која е посветена на изјавите, усвојувањето на документите и востановувањето на Алијансата „Баукултур 2023“, рече дека основањето на Алијансата е добра вест и за Северна Македонија и дека тоа ќе биде мрежа која ќе ја иницира соработката на јавниот со приватниот сектор, а резултатот ќе донесе бенефит за сите.

-Станувајќи членки на Алијансата „Баукултур 2023“, ние преземаме и одговорност – одговорно да се однесуваме кон правото на секој човек да живее и да создава во хуман амбиент. Точно е дека секој има право да заработи, но не и да профитира од менталното здравје и од социјалниот живот на луѓето. Тоа не е бизнис со економски бенефит за сите. Тоа е корупција со лоши последици за сите, посочи министерката Костадиновска-Стојчевска.

На Конференцијата, Костадиновска-Стојчевска пред присутните нагласи дека Северна Македонија има големо културно наследство, богатство од минатото, кое ја дефинира нашата сегашност и кое неминовно е дел од културниот идентитет и на Европа.

 – Затоа подавам рака, зашто имаме многу заедничка работа. Македонското културно наследство е нераскинлив дел и сведоштво од секоја историска епоха на европскиот континент – додаде таа.

Кстадиновска-Стојчевска информираше дека многу аспекти од Декларацијата од 2018-та за „Баукултур“ се имплементирани во нашите национални стратегии и бидејќи потенцијалот на Европа да се хуманизира просторот е влезен во фаза на сериозно ангажирање, како што вели таа, уште еднаш нагласи дека ќе иницира формирање на Оддел за „Баукултур“ во рамките на Министерството за култура и тоа очекува да го реализира во најкраток рок.

– Актуелните случувања уште повеќе ја потврдуваат неопходноста од „Баукултур“ – суштински и длабоко да го разбереме поимот и преку неговата примена да стане европски начин на живот, истакна Костадиновска-Стојчевска.

Во рамките на Конференцијата во Давос, меѓу другото, под главно спонзорство на балтичките држави, беше изгласана заедничка изјава за закрепнување и обнова во Украина, за што поддршка даде и Република Северна Македонија.

Што е „Баукултур“ (Baukultur)?

„Баукултур“ се дефинира како градење културен чин и простор за култура, кој ја гледа целата дизајнирана животна средина како кохерентна целина, од постоечки згради до современ дизајн, од мали рачно изработени детали до згради и отворени простори до големи инфраструктури, и од процесот на планирање преку изградба и работење до повторна употреба. Втората конференција на Баукултур во 2023 година се фокусира на имплементација, што бара соработка меѓу политиката, приватниот сектор и граѓанското општество. Градови, села, куќи, патишта, мостови, градини, плоштади, простори, пејзажи се дел од Баукултур. Зајакнувањето на „Баукултур“ е важно ако треба да се најдат решенија за сегашноста предизвици, како што се климатските промени, енергетската транзиција, внатрешен урбан развој, позелени населби и раст на населението. Исходот е одржлив, атрактивен и инспиративен простор за живеење, информираат од Министерството за култура.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе