Костадиновска-Стојчевска на средба со Доундолуакис: Нови можности за зајакнување на соработката во  културата со Грција

од admin_kult

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на маргините на Втората конференција на министри за култура „Алијанса Баукултур Давос 2023“, оствари билатерална средба со генералната секретарка за современа култура при Министерството за култура и спорт на Република Грција, Елени Доундолуакис.

– Има исклучителен простор за зајакнување на соработката во областа на културата помеѓу двете земји. Од особена важност е што голем чекор на овој план е веќе направен, но верувам дека допрва следи период на интензивни активности, рече на средбата министерката Костадиновска-Стојчевска.

Генералната секретарка за современа култура при Министерството за култура и спорт на Република Грција, Елени Доундолуакис истакна дека грчкото министерство, исто како и македонското ги следи насоките за интензивирање на односите во културата, посочувајќи дека во време на неизвесност особено е важно да се негуваат и зајакнуваат односите со соседните земји.

Соговорничките се согласија дека по потпишувањето на Преспанскиот договор значително се продлабочени односите во културата и дека потпишување на билатерален документ меѓу двете држави, ќе биде од особено значење за унапредување на соработката во овој сегмент. Воедно, тоа ќе овозможи размена на конкретни проекти и уметници, како и поголема комуникација меѓу институциите од двете држави.

На средбата беше потенцирано дека соработката во делот на културата е особено видлива меѓу музичките фестивали во двете земји, како и во блиската комуникација и активности на музеите за современа уметност, која веќе дава одлични резултати.

Во таа насока од страна на министерката за култура, Бисера Костадиновска -Стојчевска, на средбата беше изразен интерес за учество на нашата земја со културни содржини на манифестацијата „Елефсина – Европска престолнина на културата за 2023 година“.

Костадиновска-Стојчевска ја истакна и важноста на потпишаниот Меморандум за соработката меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици, што резултираше со посета на експертска група од Република Грција и изработка на проект за заштита и конзервација на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново.

Оваа средба, министерката Костадиновска-Стојчевска, ја реализираше пред отворањето на Министерската конференција за култура, „Алијанса Баукултур Давос 2023“, која се одржува под мотото „Заедничко добро – споделена одговорност“, на која министерката, денеска и утре има свои обраќања.

На истата министрите за култура на земјите потписнички на Декларацијата од Давос 2018, како и од земјите набљудувачи на Советот на Европа, ќе се осврнат на влијанието на пазарот и на бизнисот во создавањето квалитетна животна средина, со културата како нејзин составен дел.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе