Костадиновска-Стојчевска на отворањето на Конзулатот на Србија во Охрид: Сѐ почнува и сѐ завршува со културата

од admin_kult

– Потврда и силен поттик за унапредувањето и за продлабочувањето на билатералната соработка меѓу нашите две блиски и пријателски земји во сите области од заемен интерес, посебно на планот на економско-трговската соработка, културата и особено во делот на туризмот – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на Конзулатот на Република Србија во Охрид.

– Охрид, како и досега, е привлечна дестинација за српските туристи, кои се секогаш добредојдени во што поголем број. Со особено задоволство можам да констатирам дека Република Северна Македонија и Република Србија имаат извонредни односи во областа на културата кои се материјализираат низ реализација на голем број проекти од сите сфери од творештвото. Потврда за ова се и потпишаните програми за културна соработка меѓу министерствата за култура на двете земји кои особено придонесоа во зацврстувањето на културните врски и ги охрабрија новите иницијативи –  додаде таа.

Костадиновска-Стојчевска најави дека наскоро се очекува да биде потпишана и новата Програма за културна соработка, која значајно ќе ја збогати презентацијата на македонската култура во Србија, но и претставувањето на српската култура во нашата земја.

– Светла иднина нашите две држави имаат и во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ каде што имаме можност за заедничка соработка. Тука сме да ги помогнеме културата и уметноста во нивната мобилност, во отворањето заеднички фондови, размена на информации и искуства, заеднички настапи, да внесеме иновативност и да ги обединиме нашите потенцијали – рече министерката.

Таа додаде дека развитокот на културниот простор, во кој сложно живееме и во кој учиме едни од други, создава предуслови и за развој на економските и на политичките врски.

– Сѐ почнува и сѐ завршува со културата. Пред нас постои силен предизвик да се впуштиме во оформувањето на заедничките интереси важни за иднината на нашето минато и за идентитетот на нашата сегашност – заклучи Костадиновска-Стојчевска.

Заедно со министерката, на отворањето на Конзулатот беа присутни и српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ, амбасадорката на Република Србија во Република Северна Македонија Невена Јовановиќ, а присуствуваше и почесниот конзул на Србија во Охрид, Михајло Филев.

Одлуката за отворање Конзулат во Охрид, Србија ја донесе минатиот месец, а Конзулатот ќе ги покрива општините: Охрид, Струга, Вевчани, Дебрца, Кичево, Дебар и Центар Жупа.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе