Костадиновска-Стојчевска на Зимска школа за македонски јазик: Создаваме трајни врски на македонистиката низ светот

од admin_kult

„Да се има 40 нови пријатели од 17 земји, од четири континенти, кои го сакаат вашиот јазик, кои избрале од повеќе од 7000 јазици на светот да го научат токму вашиот мајчин јазик, е чест.

Трајни врски создаваме со реномирирани професори, истражувачи, преведувачи,  посветеници на македонистиката, но и студенти, ентузијасти кои се навистина големи амбасадори и промотори на македонската култура во светот“, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска –Стојчевска денеска на свеченото затворање на Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, што од 23 јануари се одржуваше виртуелно.

Костадиновска-Стојчевска нагласи дека огромна заслуга со создавањето на македонските пријателства во светот има Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, кој е една од нашите најважни врски со широката меѓународна јавност.

„Токму на првото издание на Зимската школа за македонски јазик, минатата година, беа вистински партнери во одбележувањето на големиот јубилеј за македонската култура – 100 години од раѓањето на великанот на македонската филологија, лингвистика и книжевност, академик Блаже Конески. Минатата година, Зимската школа беше посветена на 70 години од раѓањето на еден од најголемите македонски драматурзи и писатели, Горан Стефановски“, рече Костадиновска-Стојчевска. Таа додаде дека одлуката годинешното издание на Зимската школа да биде посветено на 100 години од раѓањето на еден од основоположниците на современата македонска поезија Ацо Шопов, повторно ја потврдува високата свест и љубов кон јазикот и културата.

„Успешното издание на оваа Зимска школа е одличен предвесник дека ќе имаме прекрасно чествување на јубилејот, за што, под покровителство на претседателот на државата, е изработена комплексна и обемна национална програма 2023, Година во чест на Ацо Шопов. Предвидени се мноштво настани и активности, дома и во светот, а се надевам дека во текот на годината ќе имате можност да присуствувате на некој настан и дополнително да имате можност за проучување на поезијата и творештвото на Шопов“, нагласи министерката за култура.

Зимската школа веќе е традиционална програмска активност на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ и се одржува виртуелно, а годинашното нејзино издание беше во чест на великанот на современата македонска литература и култура Ацо Шопов, по повод 100 години од неговото раѓање. На Школата за македонски јазик имаше учесници од 17 земји од светот.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе