Костадиновска-Стојчевска и Тицињски: Размена на културни содржини меѓу Северна Македонија и Полска

од admin_kult

Продолжувањето и продлабочувањето на соработката меѓу двете земји беа тема на денешната работна средба меѓу министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и амбасадорот на Република Полска во Република Северна Македонија, Војциех Тицињски.

Соговорниците се согласија дека постои традиционално добра соработка во областа на културата меѓу двете земји со реализирани културни настани, на реципрочна основа, од сите дејности. Костадиновска-Стојчевска и Тицињски разговараа за интензивирање на соработката меѓу сродните институции во двете земји, при што министерката Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека споделувањето на искуствата во повеќе области секогаш е добредојдено.

Тие се согласија дека е од особена важност да продолжи традиционалната соработка меѓу институциите во сферата на заштитата, конзервацијата и археологијата, како и соработката во ликовната, издавачката, филмската и театарската дејност. Костадиновска-Стојчевска информираше дека оваа година македонски уметници ќе се претстават на различни културни манифестации во Полска, а меѓу нив се и настапите на танцовото студио „Данцерс јунајтед“ на Светското првенство за танци на танчари со Даунов синдром во Варшава, а балетскиот уметник Анди Исмаили ќе настапи на Светското првенство во модерен балет во Дебица, Полска.

Полскиот амбасадор упати покана до министерката за култура да присуствува на настанот со кој на 6 мај, во Филхармонијата, ќе се одбележи Националниот ден на Полска.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе