Костадиновска-Стојчевска во Загреб: Имаме многу заеднички идни проекти со студентите кои го изучуваат македонскиот јазик

од admin_kult

Во македонскиот КИЦ во Загреб, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорката Наталија Поповска се сретнаа со студенти и со Ивица Баковиќ, професор по македонски јазик на Катедрата за јужнословенски јазици и книжевност при Филозофскиот факултет во Загреб.

Катедрата е основана во 1955/56 година, кога е основан и лекторатот по македонски јазик од Петар Кепески, брат на романсиерот, драмски писател и публицист Коле Чашуле.

Во 1967/68 година македонскиот јазик се изучувал како дел од отсекот за југословенски јазици, потоа во рамките на Катедрата за словенски јазици, а од 2003 година е дел од Катедрата за јужнословенски јазици и литература.

„Возбудлива и инспиративна беше средбата со студентите и со проф. Баковиќ, кои ги споделија своите искуства, презентираа текстови и поезија на македонски јазик, зборуваа за предизвиците со кои се среќаваат при преводот на литературите на двата јазика, а нè информираа и за реформите на студиската програма со кои се задржува македонскиот јазик во сите четири години на студиите“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

На средбата стана збор за начините како да се олесни и да се интензивира соработката на полето на преводот и како да се зголеми тој фонд.

„Разговаравме за можни заеднички проекти меѓу институтите за јазик и за литература на двете земји, за можностите што ги дава соработката со Советот за македонски јазик, како и со Семинарот за македонски јазик, литература и култура.

Ја посочивме потребата од решавање на финансиските прашања околу интензивирањето на екскурзии и теренска настава на студентите и размена на студенти со Катедрата за македонски јазик од Филолошкиот факултет во Скопје, со Педагошкиот факултет од Битола, поврзување со институциите кои се важни за македонистиката“, истакна Костадиновска-Стојчевска.

На оваа пријатна средба во македонскиот КИЦ, кој станува средиште за уметноста, младите читаа извадоци од делата на Славко Јаневски, како и извадоци од македонски народни приказни. 

Во Загреб во две основни и во едно средно учлиште има изборен македонски јазик, a во оваа прилика младиот Јани Иванковиќ, роден во Загреб, рецитираше стихотворба на македонски јазик. Блиските врски со Хрватска ги потврди и Афродита Силјаноска, млада балерина која пред осум месеци се доселила во Загреб.

Сите присутни изразија задоволство од отворањето на македонскиот КИЦ, место кое го доживуваат како освежување на уметничката сцена и како охрабрување за младите уметници да ги користат привилегиите од соработката во културата меѓу двете земји.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе