Конзерваторските центри од Скопје и од Сараево заеднички ќе го заштитуваат културното наследство

од admin_kult

Националната установа Конзерваторски центар – Скопје и Кантоналниот завод за заштита на културното, историското и природното наследство од Сараево денеска потпишаа Меморандум за соработка во областа на заштитата и промоцијата на културно-историското наследство на Република Северна Македонија и на Босна и Херцеговина.

Константин Димитровски, в. д. директорот на Конзерваторскиот центар од Скопје, и Борис Трапара, директор на Заводот од Сараево, во присуство на членот на кабинетот на министерката за култура, Оливера Ливриниќ, изразија задоволство од  потпишувањето на Меморандумот за соработка, кој е резултат на интересот и подготвеноста за започнување соработка во областа на промоцијата и зачувувањето на традицијата, културата и универзалните вредности на културно-историското наследство.

Со потпишувањето на Меморандумот се поттикнува директна соработка и размена на експерти и информации меѓу двете сродни институции, како и воспоставување непосредни контакти во областа на музеологијата, археологијата, етнологијата, историјата, архитектурата и историјата на уметноста. Исто така, ќе се овозможи размена на искуства преку спроведување заеднички активности, како: изложби, промоции, манифестации, настани, јавни трибини и други настани.

Конзерваторскиот центар и Заводот, со цел промоција на културно-историското и природното наследство, ќе партипицираат и во изработка на заеднички публикации, организирање заеднички изложби и други заеднички активности од областа на музеологијата и заштитата на културното наследство.

Денешното потпишување на Меморандумот за соработка, според двајцата директори, ќе послужи како општа рамка за институционална соработка и ќе овозможи понатамошно разгледување и развивање специфични програми за соработка од заемен интерес.

На крајот, гостите од Сараево се запознаа со дел од културното наследство од Скопскиот Регион.

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе