Конзерваторскиот центар од Скопје продолжува со заштитните истражувања во контактната зона на Скупи

од admin_kult

Во моментов, НУ Конзерваторски центар од Скопје врши заштитни археолошки истражувања во контактната зона на споменичната целина „Антички град Скупи“, каде што е пропишан режим на заштита од трет степен, односно задолжителни заштитни археолошки истражувања пред почнување на какви било ископувања и градежни работи.  

Моментално на теренот работат стручни лица од НУ Конзерваторски центар од Скопје, дипломирани археолози, студенти по археологија, стручни лица за изготвување техничка документација, како и општи работници за рачно ископување на земјата.

Заштитните археолошки истражувања на просторот каде што е најдена стелата со латински натпис се започнати во март 2022 година. Се работи во согласност со пропишана методологија за работа, со добиена дозвола од Управата за заштита на културното наследство, се истражуваат и се документираат сите пронајдени археолошки содржини и, по соодветното  документирање, движниот археолошки материјал се предава на чување на надлежна музејска установа, во случајов ЈУ Музеј на град Скопје.

Конкретно за стелата со латински натпис „Dardanus“, од НУ Конзерваторски центар – Скопје посочуваат дека не е најдена in situ, туку таа е преупотребена како градежен материјал, како дел од покривна гробна конструкција. Како таква, таа претставува движен археолошки материјал и затоа е предадена и изложена во лапидариумот на ЈУ Музеј на град Скопје – законски надлежна институција за чување археолошки материјал од ископувањата на локалитетот Скупи. Се претпоставува дека плочата е од II век, а е преупотребена на крајот на IV или во почетокот на V век, а Дарданиус е името на еден од трите сина на Епикратес, кому му била посветена надгробната плоча и кој живеел 47 години.

Овие заштитни археолошки истражувања, како мерка на заштита, се внесени и во Деталниот урбанистички план донесен од Општина Карпош, преку изготвени Заштитно-конзерваторски основи за тој простор. Оваа постапка е дел од процедурата за добивање Конзерваторско мислење од страна на НУ Конзерваторски центар, а тоа е главен документ за да може Општина Карпош да издаде одобрение за градба. Без издадено Конзерваторско мислење од НУ Конзерваторски центар – Скопје, не може да започне никаква изградба во контактната зона на локалитетот Скупи.

Во 2016 година, НУ Конзерваторски центар од Скопје изготви Елаборат за ревалоризација на споменичната целина „Антички град Скупи“, во кој се одредени зони на заштита (заштитено добро и контактна зона) и режим на заштита. 

Со овој елаборат, заштитената зона Скупи е зголемена од 216,49 ха на 260,38 ха во новите граници, а во тие рамки контактната зона зафаќа површина од 205,52 ха, додека површината на заштитеното добро изнесува 54,86 ха. Во просторот на заштитеното добро е пропишан прв режим на заштита, односно забрана за секаков вид градежни работи што не се поврзани со заштита, конзервација или реконструкција на објекти најдени со археолошки истражувања во заштитената зона.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе