„Инферно“ на Велешкиот театар, по премиерата, репризно в четврток, в петок и в сабота

од admin_kult

Претставата „Инферно“, според „Пеколот“ од Данте Алигиери, во режија на Дејан Пројковски и драматургија на Сашо Димоски, која пред многубројната публика во саботата беше изведена на сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес, поради големиот интерес ќе има три репризи – в четврток (3 ноември), в петок и в сабота – најави за МИА Сашо Димоски, директор на Велешкиот театар и драматург на претставата.

Во реализацијата на оваа претстава, заедно со техничкиот дел, се вклучени 63 лица, а подготовките започнаа на крајот на мај и завршија со премиерата. Таа е прва од годинашната програма на Министерството за култура, а втора премиера годинава на Велешкиот театар.

Димоски информира дека оваа претстава е едно поинакво читање на „Пеколот“ од Данте Алигери.

– Станува збор за претстава за фрлање ново светло на пеколните аспекти на темното во секој од нас низ цивилизацијата и нејзиниот развој – појасни Димоски.

Тој информира дека во режија на Дејан Пројковски, во оваа претстава се искористени максимално севкупните најсовремени технички и технолошки капацитети и потенцијали на големата сцена на Велешкиот театар. Со тоа се демонстрира неговата особеност во регионот како национална установа од областа на изведувачките уметности.

Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф е Раде Василев, композитори се Горан Трајкоски и Сашко Костов. Кореографијата е на Олга Панго, сценските движења на Васил Зафирчев, видео – Борче Конзулов и шминка – Зорица Цветковска.

Улогите во претставата ги толкуваат: Исидор Јовановски, Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Фаик Мефаилоски, Симона Димковска и други. Освен актери од Велешкиот театар, во претставата учествуваат и студенти од завршните години или веќе дипломирани актери од Универзитетот „ЕСРА“.

На еден од двата плаката за претставата „Инферно“ е претставена поранешната велешка „Топилница“.

– Злото има многу метафори и се манифестира во многу облици. Она што е карактеристично за Велес како културолошка средина, а е дел од нејзиното минато, е и „Топилницата“, затоа ја има и на еден од двата официјални плаката за претставата – појасни Димоски.

Инаку, екипата на Велешкиот театар работи на две нови премиери – едната за ноември, а другата за декември. Во ноември претставата „Татко“ во режија на Ненад Витанов, а во декември „Теута и Антигона“ – авторски проект на режисерот Дејан Ангелов.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе