Интерактивна изложба за обичајот Мартинки

од admin_kult

Во „Европска куќа“ во Скопје утре (28.2.2025) од 10 до 18 часот ќе се одржи интерактивен изложбен настан во чест на обичајот „Мартинки“, нематеријално културно наследство впишано на репрезентативната листа на УНЕСКО. Изложбата ја организира Центарот за научно истражување и промоција на културата „Хаемус“, кој посветено работи на зачувување и промоција на ова културно добро. Авторка на изложбата е м-р Василка Димитровска, креативен директор на „Хаемус“.

Во рамките на изложбата ќе бидат претставени автентични мартинки од различни држави од колекцијата на „Хаемус“, едукативни панели на неколку европски јазици, публикации поврзани со традицијата на мартинките, интерактивни активности со елементи на игра и раскажување приказни за посетителите.

Особено внимание ќе биде посветено на интерпретацијата на обичајот „Мартинки“ преку различни интерактивни моменти, во соработка со Славица Трчкова од ателјето за рачни изработки „Крафт тајм“ (Craft Time) и Дамјан Ристовски и Сара Јакимовска од „Народни носии“. Нивните дела ја претставуваат современата интерпретација на древните техники за изработка на мартинките, комбинирајќи ја традицијата со одржливиот начин на живот. Посетителите ќе можат да се запознаат со изработката на мартинките и преку лично искуство да научат повеќе за нивното значење, историја и симболика.

За своите заложби за спасување на оваа традиција од изумирање, проектот „Денот на Баба Марта“ на „Хаемус“ ја доби престижната награда „Најдобра европска приказна за 2020“ од Советот на Европа и Европската комисија. Како резултат на оваа награда, „Хаемус“ создаде анимиран филм и серија на едукативни публикации за деца и млади за обичајот „Мартинки“ на македонски, англиски, албански и на турски јазик.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе