Изложба на уметникот Славчо Спировски во македонскиот КИЦ во Загреб, Хрватска

од admin_kult

Вчеравечер во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб беше отворена самостојната изложба „Аголност на илузијата на пакетирањето“ на скулпторот Славчо Спировски, информира Здружението за култура и уметност „КултурОп“.

Директорката на Центарот, Наталија Поповска, на отворањето истакна дека и е особено драго што токму концептуалната уметност на Спировски го заокружува годинашниот циклус изложби што во хрватската престолнина ја претставуваат македонската уметност со помош на Министерството за култура.

Во промотивната реч по повод отворањето на изложбата (што ја прочита новинарот на Македонското радио, Тони Цифровски), кустосот од Националната галерија, Горанчо Ѓорѓиевски, меѓу другото, подвлекува: „Творештвото на Славчо Спировски е постојано истражување и експериментирање на полето на скулптурата, амбиентот и мултимедијалноста кои се темелат на сопствената и светската традиција и личната историја“.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и од Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Загреб.

Славчо Спировски дипломирал во 2006 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на педагошкиот оддел, отсек вајарство, во класата на професор Станко Павлески, како студент на генерацијата 1998 – 2002 година. Освен во земјава, Спировски самостојно изложува и во Берлин, Њујорк, Софија, Загреб,… Учествува и на голем број групни изложби во: Македонија, Србија, Бугарија, Косово, Хрватска, Либан, Италија,…

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе