Заедничка изложба на македонски и бугарски уметници во Брисел

од admin_kult

Во зградата на Европскиот парламент во Брисел денеска, во присуство на претставници од европските институции, како и претставници од Европскиот парламент, ќе биде отворена изложбата на дела од македонски и од бугарски уметници „Заедно 2“.

Станува збор за прва заедничка изложба на дела на уметници од Северна Македонија и од Бугарија во некоја од институциите на Европската Унија во Брисел, на која ќе бидат поставени 18 дела.

На отворањето на изложбата, во присуство на претседателот на Европскиот парламент, Роберта Мацола, и делегации од од двете земји, пред присутните ќе се обратат европратеникот Илхан Кјучук,  амбасадорот и шеф на Мисијата  на Северна Македонија во Брисел, Зулфи Исмаили, како и амбасадорот и шеф на мисијата на Бугарија, Румен Александров.

Од македонските уметници, на изложбата ќе се претстават сликарите: Жанета Гелевска-Велјаноска со делото „Пејзаж“, Симонида Филипова-Китановска со „Композиција“, Илија Кочовски со „Пејзаж 2“, Александар Станкоски со „90 000 овци“, Жаклина Глигориевска-Кочовска со „Возбуда или за потеклото“, Марина Цветановска-Мартиновска со „Ни на небо ни на земја“, Дијана Томиќ-Радевска со „Цветовите на Галичник 1“ и Марина Лешкова со „Галичник“.

Од бугарска страна на изложбата ќе учествуваат скулпторката Снежана Симеонова со делото „Форма“ и сликарите Свилен Блажев со „Рабош“, Вихрони Попнеделев со „Триптих“, Греди Аса со „Историја“ и „Внатрешен простор“, Надежда Кутева со „Манастирот 1“ и „Градски пејзаж“ и Атанас Андасаров со „Св. Наум“ и „Персимон“.

Во подготовката и во реализацијата на настанот беа вклучени Постојаната мисија на Република Северна Македонија при ЕУ во Брисел, Министерството за култура на Република Северна Македонија, Министерството за култура на Р  Бугарија и Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје, како и претставници од Европскиот парламент.

Инаку, делата поставени на оваа изложба првпат беа презентирани при отворањето на новите простории на бугарскиот Културно-информативен центар во Скопје на 25 ноември минатата година. На ова свечено отворање присуствуваа и министрите за култура на двете земји, а делата ги презентираа кустосите Ана Франговска и Атанас Андасаров.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе