Галичка свадба 2022: Спој на традицијата и културното наследство  

од admin_kult

 Од 15 до 17 јули во живописниот Галичник, на падините на планината Бистра, ќе се одржи 48. издание на автентичната културно-сценска манифестација „Галичка свадба“. За галички зет и невеста оваа година се избрани Илчо Димитров и Елена Дуровска, а карактеристично за годинешната манифестација е што покрај нив, во црквата „Свети Апостол Павле“ во ист ден ќе бидат венчани и Искра Блажевска и Марко Бекриќ, додека Марија Крстевска и Владимир Черепналковски ќе го кажат судбоносното „да“ во Галичник на 28 август.  

Покровител на Галичката свадба е претседателот Стево Пендаровски, а еден од традиционалните поддржувачи на манифестацијата е Министерството за култура.

„Галичката свадба е повеќе од традиција, повеќе од културно богатство, од адет, од наследство. Галичката свадба е идентитет. За восхит е гордоста на галичани на своите корени, на своите семејни стебла, на својот Галичник. Нивната печалбарска историја, која од колено на колено се прераскажува за да не се заборави, е драгоцен запис од македонското минато. Препознавајќи ги трудот и љубовта што се вложуваат за зачувување на оваа уникатна традиција, со Институтот за фолклор работиме на елаборат за зачувување и заштита на галичките свадбени обичаи, со што Галичката свадба и нејзините обичаи, за првпат во нивното шеесетгодишно манифестациско постоење, ќе ја добијат заслужената институционална заштита“, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

„Многу сме среќни што интересот на младите за учество на Галичката свадба од година во година се зголемува, што покажува дека традицијата и народните обичаи остануваат темел на нашиот колективен идентитет и вредности. Конкретно, оваа година се пријавија пет двојки, од кои три во целост ги исполнија пропишаните критериуми, по што организацискиот тим одлучи на сите нив, на најдобар можен начин, да им даде можност да учествуваат во годинешната манифестација“, објасни претставникот на организацискиот тим на Месната заедница Галичник, Александар Костиќ.

Инаку, програмата на годинешната Галичка свадба започнува на 15 јули вечерта, со јубилеен концерт посветен на великанот на народната песна Александар Сариевски, кој родум е токму од Галичник, а годинава се навршуваат 100 години од неговото раѓање и 20 години од неговата смрт.

Инаку, годинешниот галички зет Илчо Димитров во текот на свеченостите ќе ја носи личната народна носија на легендарниот Александар Сариевски.

Свадбените активности, пак, традиционално ќе почнат в сабота, 16 јули, со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Потоа ќе бидат изведени свадбарските ритуали – „пречек на топаните“, свекрвата ќе го одигра свекрвиното оро, а членовите на „Фолклорни бисери“ од Скопје ќе го одиграат орото „Тешкото“. Исто така, на платото пред опеаната чешма Упија ќе бидат одиграни „Невестинското“, „Манукот“ и други ора.  Венчавањето на младенците ќе се изврши в недела, 17 јули, во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“, а свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе