Во Чифте амам изложба на скулптури од Луан Мулиќи

од admin_kult

Во Чифте амам денеска (6 септември) во 19 часот ќе биде отворена изложба на скулптури од Луан Мулиќи, професор и член на Косовската академија на науките и уметностите. Пред публиката, на отворањето на изложбата која е насловена „Ерос“, ќе се обрати Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија.

„Скулптурите на Луан Мулиќи истражуваат низа психолошки и емоционални состојби, а некои од неговите скулптури се посветени на истражување на сексуални феномени. Овие еротски скулптури често ги повикуваат гледачите да ги преиспитаат конвенционалните родови улоги и човечките сексуални односи“, вели Зени Балажи во најавата за  изложбата.

Луан Мулиќи , студиите за скулптура– вајарство ги завршил на Академијата за ликовни уметности при Универзитетот во Приштина (1977), а постдипломските студии ги завршил на Факултетот за уметности во Белград (1979).

Учествувал на многу симпозиуми за скулптура од меѓународен карактер, а има објавено и многу статии за монументалната скулптура, како и две монографии за визуелната уметност на Косово.

Долги години работи како предавач на Универзитетот во Тетово и на Универзитетот во Приштина каде што и ден-денес предава. Речиси десет години беше директор на Националната галерија на Косово, а од 2012 година е примен за член на Косовската академија на науките и уметностите.

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе