Влада Урошевиќ е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2022 година

од admin_kult

Романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од академик Влада Урошевиќ (1934, Скопје) ја доби наградата „Роман на годината“ за 2022 година, што ја доделува  Фондацијата „Славко Јаневски“. Романот е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и е седмиот роман на Урошевиќ.

Во конкуренција за оваа престижна награда, која се доделува по 24. пат, годинава беа триесет и пет романи, од кои во финалето влегоа и романите: „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски („Три“), „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски („Или или“) и „Столб што пее“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“) .

„За да може еден роман да се носи со провокативноста на толку долг наслов, навистина мора да е врвно напишан. Овој наслов, што само го најавува патешествието на семејството Пустополски, претставува вистинско читателско уживање. Влада Урошевиќ во своето дело ја раскажува историјата на скопското семејство Пустополски, вешто ја вовлекува во приказната на еден толку ненаметлив начин, оставајќи го притоа читателот во пријатни чувства и задоволство по секоја прочитана страница“, се вели во образложението на жири-комисијата.

Наградата „Роман на годината“ се состои од плакета, оригинална статуета и паричен износ од 150 000 денари.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе