Битолскиот суд изрече забрана за вршење на ископ на подрачјето на , Задбрдо како дел од локалитетот Влахо

од admin_kult

Битолскиот суд  денеска го уважи предлогот  на Основното јавно обвинителство Битола и изрече забрана за вршење на ископ на подрачјето на  Задбрдо, како дел од локалитетот Влахо, општина Новаци,  од страна на концесионерот „ЏМП КОП Интернатионал ДОО Битола“ до правосилно завршување на постапката која во ОЈО Битола се води за кривично дело „оштетување или уништување на добра…“ од чл.264, ст.4 со ст.1 од Кривичниот законик, согласно чл.517 од ЗКП.

Одлуката на Битолскиот суд следи по реакцијата на Министерството за култура соодветните институции за заштита веднаш да ги активираат своите законски надлежности по алармантните укажувања од стручните лица за случувањата на локалитетот Влахо.

Имено, уште на почетокот на минатата година, по барање на Министерството за економија, Управата за заштита на културно наследство се обрати до НУ „Завод и музеј“ – Битола за мислење по однос на издадената концесија за ископ и експлоатација на јаглен на предметниот опфат, односно на локалитетот Влахо.

Имајќи го во предвид фактот дека станува збор за евидентиран археолошки локалитет, во доставеното мислење беше наведено, дека на предметната локација е неопходно да се извршат заштитни археолошки истражувања за локацијата да биде комплетно истражена. Од добиените резултати би зависело дали концесијата би била одземена или просторот би бил слободен за експлоатација. Стручните лица исто така наведоа дека ќе биде потребен и постојан археолошки надзор на целиот планиран опфат во текот на концесионерските работи.

И покрај даденото мислење на стручните лица, како и контактите на надлежните од НУ„Завод и музеј“ Битола со концесионерот „ЏМП КОП Интернатионал ДОО Битола“, на почетокот на оваа година, на локацијата била поставена механизација која почнала да работи на ископ. Стручна екипа од НУ „Завод и музеј“ – Битола, повторно излезе на терен и констатира настанати оштетувања во периферниот дел од локалитетот Влахо.

По службена должност, известена и е Управата за заштита на културно наследство чија инспекциска служба ги констатирала оштетувањата на локалитетот. При тоа на концесионерот повторно му било наложено да престане со преземените работи, додека не се извршат археолошките истражувања.

По неколку дена, стручната екипа и концесионерот излегоа заедно на увид, при што од него добивме уверување дека се подготвени да ги финансираат археолошките истражувања на локалитетот . Но, на 24. 02. 2023, ископот од страна на коцесионерот, продолжува. Екипа од НУ „Завод и музеј“ – Битола повторно веднаш излезе на терен, по што беше констатирано комплетно уништување на предметниот опфат, кој требаше да биде предмет на археолошки истражувања.

Ваквите активности доведоа до потполно уништување на културниот слој на дел од периферниот опфат на локалитетот и доведоа до губење на археолошкиот контекст, како и на сите значајни информации кои би произлегле од предложеното археолошко истражување. Имајќи ја предвид датираната старост од околу 6400 год. п.н.е, а со тоа и огромното значење на овој локалитет како еден од најстарите праисториски локалитети на Балканот и во Европа, направена е огромна културолошка, но и цивилизациска штета.

Министерството за култура ја продолжува засилената координација со сите релевантни фактори за спречување на натамошни нелегални и деструктивни активности на археолошките локалитети и останатото културно наследство во земјава. Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска,  е во постојан секојдневен контакт со Македонското археолошко друштво како здружение кое вклучува најголем дел од научниот и стручниот потенцијал во областа на археологијата. Актуелните случувања ќе бидат тема и на скорешниот состанок на Националниот совет за културно наследство.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе