Бисера Костадиновска-Стојчевска: 80 години Битола го чува споменот за своите сограѓани, Евреи

од admin_kult

Во Офицерскиот дом во Битола, денеска се одржа комеморација по повод одбележувањето на 80-годишнината од холокаустот на македонските Евреи.

Во сеќавање на денот на депортацијата на битолските Евреи, пред големиот број граѓани, како и пред претставниците на Македонската еврејска заедница, претставници на еврејските заедници на Израел и на Германија, конзулите на повеќе земји, говореа градоначалникниот Тони Коњановски, претседателот на Еврејската заедница на Северна Македонија, Пепо Леви како и претседателот на Сојузот на борци во Битола, Стефан Бошков.

На комеморацијата зборуваше и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска која истакна дека на 11 март, битолчани секогаш ја наведнуваат главата од почит кон своите 3 350 жители, македонски Евреи, за никогаш да не се повтори.

„И денеска, ќе бидеме дел од Поворката на живите, минувајќи го молкум патот што го врвеа оние што не се вратија. На пругата ќе оставиме каменчиња како симбол на вечно паметење и молитва за почит кон оние што неповратно беа одведени. Зашто драгите луѓе никогаш не ги погребуваме, нив ги испраќаме. Нека им е вечен споменот“,  рече министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека Битола никогаш нема да го заборави тоа злокобно мартовско утро пред 80 години кога за последен пат 973 еврејски семејства го пречекорија прагот од своите домови. Истиот ден, со 14 сточни вагони почнала депортацијата на битолските Евреи. Првата станица бил логорот кај Скопскиот монопол. Следната и последна – Треблинка.

„Денеска не им судиме на злосторниците и на нивните слуги“,  рече министерката за култура, „денеска го чуваме од заборав нивното злосторство, за никогаш да не се повтори. Споменот за направеното злосторство е најголемиот кошмар за злосторниците и за нивните поколенија.“

Одбележувањето на овој трагичен датум, поворката го продолжи пред споменикот на доктор Хаим Абраванел, чие име го носи Здравствениот дом во Битола, како и пред споменикот на храбрата Естреја Овадија, со партизанско име Мара, која загинала на неполни 22 години бранејќи ја својата Македонија од фашистичкиот окупатор.

Поворката на живите заврши на Железничката станица, по истиот пат од каде беа депортирани битолските Евреи.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе