Аплицирањето за Годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата за 2023 започнува в понеделник, на uslugi.gov.mk

од admin_kult

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната прес-конференија соопшти дека од понеделник, 17 октомври, во 8 часот, ќе биде отворен системот за електронско аплицирање на Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2023 година. Системот за аплицирање ќе биде затворен на 17 ноември во 16 часот.

„Користејќи ги позитивните, но и негативните искуства од претходното, всушност, прво аплицирање по електронски пат, оваа година електронското аплицирање целосно ќе се спроведува преку националниот портал е-услуги, а не преку веб-страницата на Министерството за култура. Тоа го правиме со цел дополнително да ја поедноставиме процедурата, на апликантите да им заштедиме и време и средства за неопходните документи кои сега директно ќе можат да ги преземаат и да ги прикачуваат, како што се, на пример: уверение за државјанство, увид во  тековна состојба и слично“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

На прес-конференцијата беше кажано дека техничките упатства и поддршката при регистрирањето, корисниците ќе можат да ги најдат на веб-страницата на uslugi.gov.mk, како и преку контакт-центарот на овој национален портал.

Министерката Костадиновска-Стојчевска ги објасни придобивките од новиот начин на аплицирање кој се воведе минатата година со што, межу другото се скрати времето за евалуација на поднесените пријави за десетина илјади работни часови, а се избегнаа можностите за злоупотреба, како менување или дополна на пријавите.

Таа додад дека со новиот начин на аплицирање, пак, добиваме нова придобивка. „Преку националниот портал е-услуги, автоматски ќе биде оневозможено да се конкурира со повеќе проекти од утврдените во правилата на Конкурсот. Затоа, и во оваа пригода ги замолувам корисниците  да обрнат внимание на Општите услови и на условите за аплицирање во секоја дејност одделно.

Особено во делот кај условите, со колку проекти може да се конкурира по дејност бидејќи, да повторам, системот автоматски нема да дозволи физичко или правно лице да аплицира во повеќе дејности од пропишаните“, рече Костадиновска – Стојчевска.

Новина годинава е што, за првпат и решенијата за прифатени, одбиени или отфрлени проекти, корисниците ќе ги добијат по електронски пат.

Помош во делот за пријавите корисниците и натаму ќе можат да побараат од секторите во Министерството за култура. Контактите со конкретни лица по области и нивните е-адреси ќе бидат објавени на веб-страницата на Министерството за култура.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе