Алтхамер и Жмијевски две недели ќе создаваат уметнички дела во МСУ

од admin_kult

„Отворено студио“ е насловот на проектот во чии рамки европскиот уметнички тандем Артур Жмијевски и Павел Алтхамер создаваат нови дела во просторот на Музејот на современата уметност – Скопје. Куратор на проектот е Владимир Јанчевски.

Како што информираат од Музејот на современата уметност – Скопје, во текот на овие две недели полските уметници ќе создадат 30-ина уметнички слики на картон со акрилна боја и колажи од стари историски книги, мапи, карти, атласи, постери, образовни графикони…

На 8 и 12 јули во 20 часот кустос Бојана Јанева ќе организира ноќни тури низ Музејот каде што посетителите, покрај тоа што ќе можат да ги видат актуелните изложби, ќе имаат и ретка можност со личен водич да посведочат на креативната работа на Жмијевски и Алтхамер.

На 14 јули, пак, во МСУ ќе биде отворена изложбата со овие креирани дела, „Полска школа на колаж“ (Polish School of Collage), која ќе биде поставена до 25 август 2022 година.

Создадените дела ќе бидат подарени на Музејот и со тоа ќе ја збогатат вредната колекција. Со овој гест се реактуализира донацијата на дела од светски познати автори.

– Улогата на Полска во создавањето на објектот на МСУ е од непроценливо значење. МСУ е симбол на солидарно Скопје, кога по катастрофалниот земјотрес во 1963 година Обединетите нации носат резолуција во која стои дека не е важна само материјалната помош туку и културата за подигнување на духот на настраданите. Токму таа резолуција и одлуката на светскиот конгрес на уметници во Њујорк ги повикаа сите светски уметници да донираат свои дела за разурнатото Скопје и да се удрат темелите на новата зграда. На распишаниот конкурс, првата награда ја добива познатото архитектонско студио „Тигри“ од Полска. Владата на Полска во знак на солидарност го донира овој проект на Скопје, а денес МСУ во својата колекција, меѓу другите значајни дела, располага со над 200 уметнички донации од полски уметници (212 дела од 135 уметници). Со оглед на тоа што досегашните донации се од периодот 1964 – 1990 година, Жмијевски и Алтхамер ја продолжуваат низата донации со современи дела – соопштуваат  од МСУ.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе