Во Скопје, минатата недела (5јуни 2025) се одржа вториот состанок од регионалниот проект „Примена на принципите на добро управување во проектите со јавно приватно партнерство“, кој е дел од Регионалната иницијатива за јавното приватно партнерство. Министерството за култура и туризам за првпат зеде учество на настан од ваков карактер со своите претставници: Весна Илиевска, државен советник за правни работи; м-р Александар Јорданоски, помошник раководител на Секторот за заштита на културното наследство и Владимир Поповски, раководител на Секторот за инвестициони работи.
На средбата од страна на Министерството за култура и туризам беше презентирана законската подлога во однос на соработката со оваа нова можност за искористување на капацитетите на културното наследство во креирање динамична стопанска гранка, односно користењето по пат на концесија и јавно приватно партнерство, како и сродните можности, односно вршењето стопанска дејност во заштитени добра и користењето на име или облик на културно наследство за комерцијални цели. Притоа, беше истакнато дека иако овие можности се вградени во македонското споменичко право уште во 2004 година, досега нема нивна практична реализација, но ниту посериозна иницијатива од приватниот сектор.
Мора да се нагласи дека јавното приватно партнерство е исклучително поврзано со она што се дефинира како интегрирана заштита на културното наследство, која подразбира вкупност од мерки за зачувување и активно вклучување на недвижното културно наследство во животот на заедницата како фактор на одржлив општествен развој, особено во областа на планирањето и уредувањето на просторот, инвестиционата изградба, заштитата на животната средина и природата и друго. Ова е исклучително значаен момент, затоа што официјалната европска дефиниција цели кон обезбедување долговечност на наследството, грижа за неговото одржување во соодветна изградена или природна животна средина, определување на неговата намена и негово приспособување кон потребите на општеството.
Средбата ја отвори Мирослав Лабудовиќ, заемник-министер за егергетика, рудараство и минирални суровини.