На Античкиот театар вечер се отвора 64. издание на „Охридско лето“

од admin_kult

Дел од светската уметничка елита од областа на класичната музика и театарот повторно ќе биде во Охрид во следните месец и половина. Почнуваат 40-те дена возбуда што ги носи Фестивалот „Охридско лето“, и во ова негово 64-то издание.

Честа и привилегијата да го отвори Фестивалот годинава му е доделена на светски познатиот виолинист од Литванија, Џулијан Рахлин, кој вечер на сцената на Античкиот театар ќе настапи заедно со  оркестарот на  Националната филхармонија.

За маестро Рахлин критиката вели дека е еден од највозбудливите и најпочитувани виолинисти, уметник кој ја маѓепсува публиката низ целиот свет со својот исклучително богат звук, беспрекорна изведба и маестрална интерпретација.

Од 12 јули до 20 август на отворените сцени: Антички театар, Долни Сарај, предворје на црквата „Св. Софија“, како и во црквата „Св. Софија“ и во Центарот за култура, ќе настапат над 500 уметници од 24 земји, а вљубениците во класичната уметност ќе имаат можност да уживаат во 27 концерти, шест театарски претстави и три настани во дополнителната програма.

Меѓу многуте настани, предвидени се настапи на домашни уметници, и тоа: концерт на пијано-дуетот Марија Ѓошевска и Славица Мицовска, концерт на Влатко Стефановски на гитара кој одбележува 50 години солистичка кариера, традиционалниот концерт на Камерниот оркестар на музичката младина, како и два концерта посветени на македонските композитори Томислав Зографски и Стојче Тошевски, како и на Гоце Коларовски.

Од странските уметници, во музичката програма настапуваат: гитаристот Герхард Рајнбах, пијанистот Гери Даглас, виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки со пијанистот Андреј Гугнин, Доминик Вагнер на контрабас… Тука е и концертот на Црногорскиот симфониски оркестар, пијано-квинтетот „Адријатик“, триото „Халир“ и многу други. Последниот ден од музичката програма е резервиран за врвната белгиска виолончелистка Ками Тома, во пијано-придружба на пијанистот Жулиен Брокал.

На роденденскиот концерт на Фестивалот ќе настапи салса-бендот „Меркадонегро“.

Она што ќе ја одбележи годинашната програма се трите театарски премиери – на домашните театри од Велес и од Битола со претставите „Рацин“ и „Галеб“, како и светската премиера на „Кралот Лир“ на театарот „Лит Мун Ворлд“ од Санта Барбара, Калифорнија. Најавени се театарските изведби на: Словенечкиот театар од Марибор со „Безгрешна“ во режија на познатиот Томаж Пандур и неговата сестра која ја завршува претставата по неговата смрт, Драмскиот театар од Белград со „Лет над кукавичиното гнездо“ и Југословенскиот драмски театар од Белград со „Алиса во земјата на стравовите“, како и стендап-шоуто на познатиот српски и интернационален актер Никола Ѓуричко.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе