Во Музејот на современата уметност – Скопје на 5 септември, со почеток во 20 часот, ќе бидат отворени самостојни изложби на двајца млади уметници, кои се добитници на наградата „Најуспешен автор и дело“ доделена на 14. Меѓународно биенале на млади уметници „Будења“, 2023.
Со самостојна поставка ќе се претстават Серхат Емрулаи (РС Македонија), кој е победник на Биеналето за делото „Помеѓу“, инсталација, 2022 и Наџа Крачуновиќ (Србија), победник на Биеналето за делото „Хидра“, видеоперформанс, 2023.
„Хидра“, 2023, на Наџа Крачуновиќ е перформативен видеоприказ на неколкумесечна истрага на полето на личниот, автентичниот, интимниот женски глас како отпор кон патријахалниот пејзаж.
Инсталацијата „Помеѓу“, 2022, на уметникот Серхат Емрулаи преку континуираниот какофоничен звук од вртењето на лажичките за чај го третира прашањето на времето, каде што минатото и сегашноста ги одбележува непрекинатото очекување.
Куратори на изложбите се Ива Димовски, Бојана Јанева и Никола Узуновски.