Ремек-делото на класичната балетска уметност, „Есмералда“, од италијанскиот композитор Чезаре Пуњи, ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари со почеток во 20:00 часот.
Приказната за убавата Есмералда, инспирирана од романот „Ѕвонарот на Богородичната црква“ од Виктор Иго, ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, со кореографија на реномираниот кореограф од Русија, Михаил Крапивин. Раскошната сценографија и костимографија се на Живојин Трајановиќ и Љупка Ристовска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Приказната за страста, љубовта и трагедијата, на нашата сцена ќе ја изведат: Христина Наќевска Митрашиновиќ, во улогата на Есмералда; Франциско Хименес Руиз (Шпанија) во улогата на Феб; Наташа Трендафилова Гицев, во улогата на Флер де Лис, заедно со првенците, солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.