Со настапот  на Елина Дуни и Сашо Поповски трио  вчера заврши првото издание на „The Park Festival“ настан изминатите шест дена  се одржуваше во Гостивар и  во чии рамки љубителите на музиката можеа да ги проследат настапите на реномирани музички уметници од земјава и од странство.

Министерот за култура Хусни Исмаили кој присуствуваше на  затворањето во своето обраќање пред присутните истакна дека  фестивалот со својот меѓународен предзнак, многубројните посетители  и енергијата што зрачи од сцените поставени на повеќе локации во градот се само уште една потврда за отворањето нови перспективи во развојот и збогатувањето на културниот простор не само во Гостивар, туку и во нашата земја.

„Гостувањето на познати музички имиња на фестивалот  се најдобра потврда дека во чекор се следат  актуелните трендови  кои подразбираат континуитет на квалитетна музичка продукција и  интензивна творечка енергија која уметниците ја разменуваат со публиката.  Многубројните посетители  и енергијата што зрачеше од сцените поставени на повеќе локации во градот, на концертите наменета за сите возрасни групи и музички вкусови,  се само уште една потврда за отворањето нови перспективи во развојот и збогатувањето на културниот простор не само во Гостивар, туку и во нашата земја“, рече министерот Исмаили.

Тој додаде дека културата е многу важен сегмент  од постоењето на секој народ и држава, но од особено значење е и нејзината отвореност кон другите култури. Во тој контекст тој истакна дека  Министерството за култура препознавајќи ги вистинските вредности и потенцијалот кој во себе го носат младите уметници, нивниот ентузијазам и посветеност во изградбата на мостовите меѓу културите , безрезервно  ја дава својата поддршка, за реализација за вакви културни настани.