Концептот на креативното културно претприемништво беше во фокусот на Меѓународниот форум за креативно културно претприемништво кој се одржа во изминатите два дена во Скопје. Целта на Форумот, кој беше во организација на Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии – УМПАКИ, беше: промоција на креативното претприемништво, едукација за креативното претприемништво преку интерактивни работилници, како и вмрежување на учесниците со можност за идни партнерства.

Организаторите соопштија дека преку Форумот се очекува да се зголеми интересот кај креаторите на политики и на другите клучни засегнати страни за вложување поголеми ресурси и инвестирање во политики и фондови кои би ги поттикнале младите лица кои дејствуваат во областа на културата и креативните индустрии да ги поврзуваат своите ресурси и таленти, а со тоа и директно да го применат моделот на креативно претприемништво.

„Ова ќе влијае директно и во полза на државата при креирање и хармонизација на националните стратегии и акциски планови во насока на културата и економијата“, наведуваат организаторите. Форумот се реализираше со поддршка од Министерството за култура.