Во Галеријата при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци, со почеток од 20 часот, ќе се одржи четвртото издание на меморијалната манифестација „Пријателите за Ристо“. Меморијалната манифестација е посветена на еден од најголемите кавадаречки и македонски ликовни уметници Ристо Соколов Сокол (1957-2015).

На денот на раѓањето на Соколов, неговите долгогодишни пријатели и соработници, со избор дела од неговиот последен работен циклус, со видео материјал од неговиот живот и творење и со музички перформанс на “Jazz All Night Trio“ ќе потсетат на неговото значајно творештво. Специјален гостин – уметник на ова издание на „Пријателите за Ристо 2019“ е Елпида Хаџи – Василева.

Организатор на Меморијалната манифестација „Пријателите за Ристо 2019“ е Здружението за алтернативна култура „Алтер Центар“-Кавадарци. Изложбата за љубителите на уметноста ќе биде отворена до 22 април.