Министерот за култура Хусни Исмаили и премиерот Оливер Спасовски денеска се сретнаа со претставници на филмскиот проект „Медена земја“, по нивното историско учество во две категории за најпрестижните филмски награди, во светот, Оскар и тоа за најдобар документарен филм и најдобар интернационален филм.

Министерот Исмаили им честиташе за огромните успеси на светско ниво и за учеството на 92 доделување на наградите Оскар во февруари во театарот Долби во Лос Анџелес, со што македонскиот документарец на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска „Медена земја“ испиша историја во современата филмска индустрија на нашата земја. Тој истакна дека овие успеси се успеси и на Република Северна Македонија и дека за сето ова ја имаат и поддршката од Министерството за култура.

На средбата, претставниците на филмскиот проект „Медена земја“ ги споделија досегашните впечатоци и позитивни искуства, што, како што рекоа претставуваат успех на целата држава од причини што филмот го привлече вниманието на целата светска филмска јавност.

Филмот „Медена земја“ досега е прикажан на 53 меѓународни и 8 домашни фестивали , на коишто освои 15 меѓународни и 4 домашни награди.