Министерот за култура Хусни Исмаили денеска оствари средба со амбасадорот на Република Полска во нашата земја, г. Војциех Тицињски.

На средбата, министерот Исмаили рече дека Република Полска е наш голем поддржувач во процесот на интеграцијата во Европската Унија и земја со која нè поврзува долгогодишна добра соработка во делот на културата како на билатерален така и на мултилатерален план. Во тој контекст беше истакнато дека соработката се одвива во сите дејности на културата, што е потврдено и со повеќе документи, со што се овозможи поголема размена на уметници и реализација на проекти меѓу институциите во сите сфери на културата.

Министерот Исмаили и амбасадорот Тицињски подвлекоа дека во изминативе години голем број уметници од двете земји учествуваа на реномирани фестивали и манифестации во Северна Македонија и во Полска. Поетите од Полска традиционално учествуваат на поетската манифестација „Струшки вечери на поезијата“, а дела од македонски автори веќе се преведени на полски јазик во рамките на Конкурсот за финансирање преводи на репрезентативни дела од македонската книжевност од страна на странските издавачки куќи. Полските  уметници се и редовни гости на реномираниот фестивал „Охридско лето“.

На крајот, соговорниците изразија уверување дека континуираната соработка и комуникација, како и реализацијата на конкретни проекти  меѓу двете држави во сите дејности од областа на културата,  ќе продолжат и во иднина.