Министерот Исмаили изрази задоволство од укажаното гостопримство од израелската страна и укажа на пријателските односи меѓу  Република Северна Македонија и Државата Израел, кои се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и заемното почитување преку одржување редовни политички консултации, размена на посети на високо ниво, како и преку продлабочување на соработката во голем број други области.

На средбата се разговараше за можностите за конкретизирање на соработката во културата, која се базира на Спогодбата меѓу Владата на Република Северна Македонија и на Државата Израел за соработка во областа на културата, образованието и науката потпишана во 2004 година, како и на тригодишната Програма за соработка во областа на културата, образованието и науката за периодот 2006-2008. .

На средбата стана збор за досегашните гостувања на израелски уметници на реномираните македонски фестивали, како „Охридско лето“ и „Струшки вечери на поезијата“, размената во театарската област, музичко-сценската дејност, преводната литература, и беа посочени институции кои успешно ќе ги продолжат и ќе ги развиваат веќе воспоставените пријателски врски во културата на двете земји.