Средба меѓу Стефоска и Тигањ: Основан Културно-информативен центар на Република Северна Македонија во Загреб, Хрватска

од admin_kult

Министерката за култура Ирена Стефоска денеска се сретна со хрватската амбасадорка во нашата земја, Нивес Тигањ. На средбата стана збор за досегашната соработка во областа на културата меѓу Република Северна Македонија и Република Хрватска, но и за активностите што се планирани за периодот што следува.

Соговорничките се согласија дека Република Северна Македонија и Република Хрватска негуваат традиционалнo добри културни врски, со презентација и размена на културни проекти во сите дејности од културата.

Стефоска и Тигањ истакнаа дека со новата програма за културна соработка за периодот 2021 – 2024 година, што треба да биде потпишана наскоро, се отвораат нови можности за културна размена и меѓуинституционална соработка меѓу двете земји.

Министерката Стефоска на средбата информираше дека во март годинава Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за основање Културно-информативен центар на Република Северна Македонија во Загреб, Република Хрватска. Стефоска додаде дека основањето на овој центар претставува потврда за одличните односи што ги негуваат двете држави и силен импулс за нивно дополнително продлабочување. Министерката за култура додаде дека за директорка на Центарот е именувана Наталија Поповска.

На средбата беше истакната и добрата соработка меѓу НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје и Националната универзитетска библиотека од Загреб, кои реализираа повеќе активности за презентација на македонската и на хрватската книжевност. Соговорничките нагласија дека и на мултилатерален план, двете земји негуваат одлични врски. Беше истакната и соработката меѓу двете држави и националните комисии на УНЕСКО во доменот на заштитата на културното наследство.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе