Почнува јубилејното 40. издание на Скопскиот џез-фестивал

од admin_kult

Од денеска до 24 октомври во Националната опера и балет и во киното „Фросина“ ќе се одржува 40-тото издание на Скопскиот џез-фестивал. На Фестивалот ќе настапат 11 изведувачи од Северна Македонија, Европа, Куба и од САД.

Фестивалот вечер ќе го отвори Матс Густафсон од скандинавската џез-сцена со свој специјален соло рецитал на саксофони. Од САД доаѓа квартетот на басистката Линда Меј Хан О, како и култната музичарка, поетеса, активистка и ем-си Мур Мадер, во придружба на легендарниот перкусионист од „Арт ансамбл оф Чикаго“ Дуду Којате и Матс Густафсон. Од Данска, САД и од Шпанија ќе гостува квартетот на гитаристот Јакоб Бро, од Португалија Лисабонскиот андерграунд музички ансамбл Л.У.М.Е., од  Грција триото на џез-пијанистката Тања Џанули, а од Австрија Шејк Сту.

Дел од јубилејното издание на Скопскиот џез-фестивал е и специјалниот проект „Ну мјузик 4“ посветен на џез-легендата Дон Чери – со Кристер Ботен, Горан Кајфеш, Матс Густафсон и Окај Темиз, како и настапот на проширениот ансамбл на нашиот композитор и мултиинструменталист Јордан Костов. Фестивалот ќе го заокружи концертот на славниот кубански пијанист Роберто Фонсека и неговото трио.

Придружната програма на Фестивалот оваа година опфаќа изложба на плакати на Скопскиот џез-фестивал под наслов „Complicate Simply!”, потоа премиерно прикажување на две значајни документарни филмски остварувања: „Aretha Franklin: Amazing Grace“ и „Blue Note: Beyond the Notes”, како и настапот на албанскиот џез-состав „AJS Quartet“.

Во рамките на Фестивалот ќе бидат промовирани и две нови ЦД-изданија на „СЈФ Рекордс“ (SJF Records) – најновите албумски објави на Јордан Костов ансамбл и Светлост + одрон ритуал оркестра, а ќе биде доделена и веќе традиционалната Награда за најдобар млад џез-музичар во 2021 година.

Фестивалот се организира со почитување на сите актуелни протоколи и безбедносни мерки пропишани за одржување културни настани во затворен простор.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе