Отворен Меѓународниот научен симпозиум „Денови на Јустинијан Први”

од admin_kult

Во Музејот на македонската борба денеска беше отворен Меѓународниот научен симпозиум „Денови на Јустинијан Први”, кој се одржува веќе осма година, во организација на Институтот за национална историја, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот во Болоња, во партнерство со Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“.

На отворањето, присутните ги поздрави и министерката за култура Ирена Стефоска, која истакна дека овој форум има бесценета задача – преку размена на академски аргументи да го покаже најдоброто од минатото и како поглед да ѝ го пренесе на иднината.

„Потврда за ова е фактот што годинава со свои реферати ќе настапат педесетина еминентни професори и научници од 17 земји. „Денови на Јустинијан Први” е и културен мост меѓу Северна Македонија и Италија, како и кон други земји од регионот и од Европа кои го споделуваат римското/византиското културно-историско наследство како заедничка европска придобивка. Во оние времиња, Јустинијан Први верувал дека е неопходно да се обединат силата на државата и духовната сила на Црквата. Ова го спомнувам зашто токму религијата е специјалната тема на годинешниот собир и морам дa додадам дека однапред се радувам на секоја ваша новосподелена научна мисла“, рече министерката за култура Стефоска.

На Симпозиумот свое пленарно предавање одржа проф. Антонио Риго од Универзитетот „Ка Фоскари“ од Венеција, кој истовремено е претседател на Италијанскиот византолошки комитет, кој ќе биде домаќин на Светскиот византолошки конгрес во 2022 година, во Венеција и во Падова. На Симпозиумот, со свои реферати (меѓу кои и некои онлајн) настапија педесетина еминентни професори и научници од: САД, Велика Британија, Австралија, Италија, Русија, Полска, Чешка, Финска, Романија, Холандија, Австрија, Унгарија, Србија, Хрватска, Албанија и Грција.

Манифестацијата „Денови на Јустинијан Први” претставува годишен научен форум за презентација на најновите истражувања за различни аспекти на византолошките и средновековните студии, што ги вклучува третманот и интерпретацијата на културното, историското и духовното наследство во современа Европа. Симпозиумот е посветен на императорот Јустинијан Први и има цел да опфати широк спектар на истражувачки прашања во функција на реконструирање на културното и историското наследство, како интегративна компонента на различностите и заедништвото на обединета Европа.

 

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе