Националната опера и балет ќе ја започне сезоната со нови инструменти и опрема – донација од Јапонија

од admin_kult

Во фоајето на НУ Национална опера и балет (НОБ) денес се одржа прес-конференција по повод реализацијата на проект од јапонската програма за развој на културата во висина од 79 800 000 јапонски јени (663 000 евра) што во целост беше финансиран од Владата на Јапонија, а беа набавени музички инструменти за музичарите, опрема за озвучување и за осветлување за потребите на Националната опера и балет.

Координацијата и испораката на оваа донација како странска помош беше спроведена преку Секретаријатот за европски прашања, заедно со Амбасадата на Јапонија во Северна Македонија и Министерството за култура.

На прес-конференцијата по повод донацијата се обратија вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, како национален координатор на странска помош; јапонскиот амбасадор Савада Хиронори; министерката за култура Ирена Стефоска; главниот претставник на JICA за Балканот, Такеичи Џиро, и директорот на Националната опера и балет, Васо Ристов.​

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, истакна дека Јапонија е земја на инспирација и иновација, што географски е далечна од нас, но со поддршката од јапонската Влада, посветеноста и подготвеноста за соработка на Амбасадата и Јапонската агенција за меѓународна соработка, успешно се реализираат проекти преку кои се зближуваат нашите граѓани.

Јапонскиот амбасадор, Савада Хиронори, истакна дека во рамките на Иницијативата за соработка со Западен Балкан, Јапонија е сериозно посветена во поддршката за Северна Македонија кон одржлив економски и социјален развој, клучен за интеграцијата во Европската Унија. Тој посочи дека од 2001 година, ова е втор грант што Јапонија ѝ го доделува на Северна Македонија во полето на културата, имплементиран од страна на ЏАЈКА.

Министерката за култура, Ирена Стефоска, рече дека Националната опера и балет е врвна културна институција со врвни музичари кои овој искрен гест на пријателство нема да го заборават.

„Напротив. Донацијата на пријателска Јапонија ќе го збогати звукот и ќе го подобри квалитетот на изведбите под овој покрив. Верувам дека тоа ќе ги мотивира и уметниците за поголема креативност на сцената и страст во музицирањето, што на крајот ќе биде врвно уживање за публиката“, додаде Стефоска.

„Дозволете ми, вредноста на оваа донација да ја опишам со три збора – мотив, квалитет, аплауз. За овие три збора вреди секој денар, секој цент, секое јени вложено во културата и уметноста. Посакувам што поскоро на оваа сцена и на овие седишта заедно да настапат нашите и јапонските уметници – без маските што сега нѐ штитат од вирусот, но и ни го сокриваат изразот на задоволство“, нагласи министерката за култура.

Претставникот на Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA), Такеичи Џиро, истакна дека преку овој грант од областа на културата, се надева дека Националната опера и балет ќе го подобри квалитетот на изведбите и дека ќе се промовира мултикултурализмот, доброто разбирање меѓу заедниците, особено меѓу младите генерации преку културните активности и уметноста.

Директорот на Националната опера и балет, Васо Ристов, потсети дека во 2019 година се потпиша договор меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Јапонија, како и меѓу НУ Национална опера и балет и Јапонската агенција за меѓународна соработка.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе